Колумни Archives - Page 2 of 2 - Europe House

Приказните (ќе) го (из)лекуваат човештвото

Повод за овој текст се дваесетината изданија на ПичПрич, настан посветен на раскажувањето приказни, кој се одржува повеќе пати годишно од 2016 година, и неколкуте изданија на ПичПрич во рамките на Викендот на гордоста, каде што темата секогаш е иста – „Срамота!“

ПичПрич е иницијатива чија цел е да ја негува женската усна историја, односно да ги претстави и да им даде значење на сите оние важни настани, појави и превирања за кои не се сметало дека „заслужуваат“ да влезат во официјалната, канонизирана историја затоа што претежно им се случувале на или ги вршеле жените. Истовремено, иницијативата се труди и да ги нормализира женските и маргинализираните искуства и доживувања на светот, да даде ново толкување и на нов начин да ги претстави доминантните односи на моќ. Ова се изведува преку раскажување приказни од 10 до 12 минути, вистинити или фиктивни, на претходно зададена тема. Намерата на темите на ПичПрич е да произлегуваат од некое типично женско искуство, но секогаш да бидат доволно широки за да можат да се толкуваат на десетици начини („Влакна“, „Првиот пат кога“, „Бев сама“, „Добив“ итн.), додека Срамота! секогаш во фокус го става срамот насочен кон луѓето што се доживеани како поинакви, особено ЛГБТИК+ заедницата.

Причината зошто се решив да пишувам за ова е тоа што со секое ново издание одново се изненадувам од релевантноста на раскажаните приказни, но и од интересот што публиката го пројавува за овие настани, особено со оглед на нашиот повеќедецениски контекст на транзиција и апатија. Неизбежно доаѓам до заклучок дека ваквиот облик на раскажување приказни, на споделување на трауматските доживувања низ остар хумор и саморефлексија е еден од најподатливите начини да се пренесат и споделат дел од можеби најгорливите проблеми со кои се соочува денешното општество.

Многубројни се фактите кои ја потврдуваат важноста на приказните и раскажувањето, од тоа дека се основата за нашето поимање на светот, најлесниот начин на содржајно учење, како и срж на речиси сите уметности. Тие се најлесниот начин да се разбереме себеси, но и да се поврземе и поистоветиме со другите и непознатите. Приказните на ПичПрич и Срамота! се често лични и доживеани, раскажани во безбеден простор, пред публика која е жедна за теми што се сметаат или за недоволно пристојни или за премногу тривијални да се обработат од „официјалните“ канали. Понатаму, приказните се непретенциозни – не се расфрлаат со сложени теоретски поими и постулати, туку ги покажуваат закономерностите и аномалиите на живеењето низ призмата на личното искуство (свое, или туѓо) што уште во старт поставува основа на поистоветување меѓу публиката и раскажувачките. Ги дестилираат доминантните политички и социо-економски околности во ударот што паѓа врз грбот на поединката/поединецот и траумата што произлегува од таквиот удар, а јавно раскажаната и освестена траума често постигнува катарзично, терапевтско дејство – соочување со она што било или е, но и замислување нови начини како може да (се) биде.

Зазорот поврзан со искуствата што се цензурирани, за кои „мора“ да се молчи, а кои често знаат да бидат формативни, е заменет со чувство на солидарност, при што абјектното станува прифатливо. Им се восхитувам на храброста на раскажувачките да се нафатат на теми кои влечат длабоки корени на срам и омаловаженост, отфрленост и преку раскажувањето, често и со доза на интелигентен хумор да ги преобразат во чист извор на прифаќање на себеси и на другиот.

Во деценија кога самото човештво испишува нови тешки колективни трауми и се чини дека повторува претходно многупати направени бесмислени грешки, во контекст кога можноста од доаѓањето на „судниот ден“ ни се чини сѐ пореална како заробеници на малите „црни огледалца“ што секојдневно ни го цицаат вниманието, раскажувањето приказни дава трошка надеж дека сепак човештвото ќе ги преброди сите премрежиња и ќе најде смисла во денешниот фрагментиран свет.

 

Фото: Жарко Чулиќ

Еразмус+, порта кон светот на можностите

Europe House во соработка со Умно.мк  ја почнува рубриката „Надреден знак“ во која секоја последна среда во месецот, интелектуалци од одредена област ќе пишуваат колумна на теми што нè засегаат

Пишува: Бојан Лазаревски, студент

Овозможувајќи непроценливи искуства и можности за личен, академски и професионален развој кај младите, програмата за мобилност Еразмус+ за краток период стана трансформирачка сила за младите луѓе во Европската Унија и преостанатите земји членки на програмата меѓу кои спаѓаме и ние. Мојата поврзаност со програмата почна уште како средношколец, кога самиот почнав да барам и најдов организации што работаат со различни проекти и обуки кај нас, но и претежно во странство. За кратко време веќе учествував на најразлични проекти во Европа. Велат, кога умот на еден човек ќе искуси нови хоризонти, тој никогаш повеќе не се враќа во претходната состојба. Така, по првата размена во странство, продолжив да барам нови можности и да учествувам на многу кратки мобилности низ Европа бидејќи секогаш се враќав задоволен и со многу нови знаења и перспективи.

Како перспективен и амбициозен млад човек, по завршувањето на моето средно образование размислував за моите студии, сериозно земајќи ја предвид и опцијата за студирање во странство. Сепак, се запишав на програмата за Меѓународни интеркултурни студии на Филозофскиот факултет во Скопје и бев сигурен дека кога веќе студирам кај нас, ќе ја искористам шансата за дел од моите студии да ги поминам во странство. Бев среќен што имав искуство со кратките програми на Еразмус, па веќе знаев и за можностите што оваа програма ги нуди и во рамките на академското образование. Во текот на моите студии поминав два семестра на Факултетот за општествени науки при Карловиот универзитет во Прага, каде што студирав предмети од областа на политичките науки и меѓународни односи. Ваквата студентска мобилност функционира така што положените предмети на странскиот факултет се признаваат на домашниот, нешто што ја прави многу поволна за студентите.

Во Чешка навистина брзо се приспособив. Веројатно за тоа придонесе и блискоста што ја имаат нашите народи, пред сѐ, во однос на јазикот, а сето позитивно искуство првиот пат ме инспирира повторно да аплицирам и да се вратам на уште еден семестар на истиот универзитет. Студирањето во Прага нуди многу придобивки за студентите, мултикултурна средина со студенти од целиот свет, квалитетно образование, пристап до библиотеки богати со најразлични ресурси, бенефиции и многу можности за вонакадемски активности и дружење, бидејќи програмите на Еразмус+ не значат само академско, формално или неформално учење, туку и интеркултурно учење, што сочинува важен дел од секоја мобилност.

Една од клучните придобивки од ваквите програми е што поттикнуваат отворен ум кај учесниците. Ве туркаат надвор од комфорната зона, а тоа е единствениот начин кој овозможува да се учи без граници. Со самото тоа што одлучувате одреден период да живеете и да студирате во странска земја и различна средина, се изложувате на нови начини на размислување кои ви ги предизвикуваат веќе постојните замисли и знаења, засекогаш проширувајќи го вашиот поглед кон светот. Интеракцијата со врсници од различно културно потекло промовира меѓукултурно разбирање и емпатија, рушејќи ги стереотипите и предрасудите, што резултира со промовирање на чувството за глобално граѓанство и културниот плурализам. Навигацијата во непознатото опкружување придонесува за градење издржливост и самодоверба, а кај студентската мобилност кон ова влијае и независниот живот во нова земја и приспособувањето на различен образовен систем. Предизвиците и нивните триумфи кои се доживуваат за време на патувањето со Еразмус+ ги поттикнуваат младите да ги откријат своите силни страни и да ги подобрат вештините за решавање проблеми. Сето ова придонесува за зголемување на самодовербата, личниот раст и прави младите да станат посигурни поединци.

Постојат повеќе истражувања што го потврдуваат фактот дека мобилностите позитивно влијаат врз професионалните перспективи на студентите, како и нивната вработливост во иднина. Работодавците ги ценат приспособливоста, културната свест и меѓународните искуства што ги поседуваат студентите алумни на Еразмус+, што ги прави посакувани кандидати, а потврдите за студирање во странство преку Еразмус како и YouthPass сертификатите се меѓународно признати документи. На овој начин програмата Еразмус им овозможува на учесниците да се стекнат со конкурентна предност на денешниот глобален пазар на трудот и ги овластува младите луѓе да ги трасираат сопствените патишта кон успехот. Програмата ги подготвува учесниците со непроценливи вештини, кои го надминуваат академското знаење, а стекнатите квалитети ги позиционираат како катализатори за позитивни промени во нивните заедници, земји и светот.

Инспириран од моите искуства, но и од можноста токму оваа тема да ја поврзам со моите студии, периодов ја подготвувам мојата дипломска работа на слична тема, за чија цел спроведов и истражување за влијанието на ваквите програми врз европскиот и националниот идентитет кај младите. Засега можам да констатирам дека наодите од истражувањето ја истакнуваат значајната корелација помеѓу учеството во програмите за мобилност како Еразмус+ и зајакнувањето на европскиот, но и националниот идентитет кај студентите. Изложеноста на различни култури и чувството на припадност кон пошироката европска заедница придонесуваат за посилен европски идентитет. Истовремено, студентите развиваат подлабоко ценење за сопствениот национален идентитет, што доведува до хармоничен спој на двата аспекта. Ова засилено чувство за европски и национален идентитет поттикнува чувство на поврзаност и солидарност меѓу младите луѓе, уривајќи ги бариерите и промовирајќи единство на континентот.

Оваа заедничка врска ги надминува границите, јазиците и историските поделби, отворајќи го патот за меѓусебно поврзана Европа. Еразмус+ ја отелотворува визијата за обединета Европа, каде што се почитуваат и слават различностите, меѓусебното разбирање и соработката.

Еразмус+ е повеќе од програма за мобилност во буквална и филозофска смисла. Покрај академската мобилност, кратките размени, младинските размени и тренинг-курсеви, дел од другите можности ги вклучуваат и програмите за студентска пракса и програмата Европски солидарен корпус, која овозможува волонтирање во странска земја на краток или на подолг период. Секоја програма е посебна на свој начин, претставувајќи прозорец кон Европа и кон светот.

Како млади и како држава, имаме привилегија што сме дел од оваа програма, а нејзините придобивки треба да ги почувствуваат што е можно повеќе учесници. Еразмус е многу повеќе од програма за мобилност во Европа. Еразмус претставува порта кон светот на можностите и може да биде „отскочна штица“ на многу перспективни млади умови.

Со што се китиме?

Пишува: Марија Милошевска, етнолог и мултимедијална уметница

Самото суштествување подразбира творење, креирање, оживување на нешто. Во процесот на креирање на културата накитот претставува еден вид систем од наследени форми изразени преку симболи, со чија помош луѓето комуницираат, опстануваат и го развиваат своето значење и знаење за светот, но и за својот живот.

Накитот е безвремен симбол на идентитетот, статусот и митологијата во човековата култура. Уште од камено време, па сѐ до денес, накитот игра значајна улога во материјалната и духовната ориентација на човекот.  Ова навраќање во каменото време кај архаичниот човек е само компарација и потсетување на репродукцијата на првобитниот чин во повторувањето на еден митски примерок или дејствие, т.н. накит-украс-китење. Заземањето на територијата на телото, со цел да се накити или да се искористи како простор, преку самиот чин на ритуалното украсување со дадената форма придонесува самата форма да стане реалност.

Преку чинот на ритуалното украсување накитот го претвора хаосот во космос, давајќи суштина, дефиниција и меморија за одредена реалност.

Накитот служи како центар на надворешната сила, припишувајќи ги значењето и искуството преку симболиката, потеклото или самиот материјал. Накитот е буквално алка или синџир во создавањето на културата преку верувањата, култот, значењето и обичаите кои ги поврзуваат предметот и личноста. Луѓето ги полнат своите ковчези со бисери, срца, потковици и детелинки, создавајќи материјален спомен за нивното постоење, а самиот страв од заборавање или „вечниот“ потсетник е тоа што нè тера да се украсуваме со сентиментални вредности.

Најскапоцената вредност на накитот е во неговата емотивна и чувствителна поврзаност која ја надминува неговата парична вредност. Всушност, накитот добиен преку наследството што го носиме на нашето тело ја носи тежината на нашата историја и нашите корени. Негувањето на наследениот накит истовремено значи и предавање или пренесување на дел од традицијата на идните генерации. Споделувањето на традицијата и културата е многу повеќе од линеарна и хронолошка активност, преку визуализирање на културата како мрежа и традицијата како нешто што активно се пренесува и циркулира низ таа мрежа.

Во денешната технолошка револуција промените во материјалниот свет одразуваат промена во состојбата на духот и свеста и затоа е важно да одржуваме рамнотежа помеѓу материјалното и духовното и истовремено да ја негуваме сентименталната вредност и чувствата кои нè поврзуваат со нашите корени и наследство.

Се раѓаме со злато и со буква. Со бурмите ја ветуваме љубовта, на вратот ги нижеме медалите, на рацете ги ставаме амајлиите, а спомените за корените филигрански се извезени на обетките, кои пак го одекнуваат моменталниот звук на постоењето – животот.

 

-Марија Милошевска, етнолог и мултимедијална уметница

За жал, немаме планета Б

По завршувањето на многубројните проекти, со завршувањето на грантовите и предавањето на завршните извештаи, речиси 50% од проектните решенија, новите сознанија и предлозите завршуваат во кабинетите на истражувачите и во фиоките и архивите на институциите.

Пишува: д-р Анита Грозданов, редовен професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје

Секојдневниот живот и трката за негово унапредување и олеснување носат многу нови технолошки решенија и предизвици кои се придружени и со многу негативни последици. За жал, последиците многу пати се такви што оставаат трајни нарушувања на природната рамнотежа која сериозно се заканува на нашата планета во повеќе сектори. Климатски промени, намалени/или комплетно испразнети природни извори на многу суровини, загадени океани и мориња, загадена животна средина…

Сведоци сме на многубројни конференции, усвоени и потпишани многубројни стратегии и декларации на меѓународно и на национално ниво за регулирање и контрола на сите загадувачи, емисии и имисии во сите медиуми, на сите ресурси. Во рамките на големите истражувачки програми (HORIZON, LIFE) се изработени огромен број проекти со иста крајна цел: „Чиста и безбедна животна средина“ и „Одржлив развој, одржливо живеење“. Навистина, од сите тие проекти добиени се прекрасни и високоефикасни решенија и модели кои доколку се имплементираат, со сигурност ќе овозможат почиста животна средина, поубава и побезбедна иднина на нашата планета Земја.

За жал, по завршувањето на многубројните проекти, со завршувањето на грантовите и предавањето на завршните извештаи, речиси 50% од проектните решенија, новите сознанија и предлозите завршуваат во кабинетите на истражувачите и во фиоките и архивите на институциите.

Идеите, активностите и борбата за „чиста и безбедна животна средина“ и „одржлив развој и одржливо живеење“ се дел од програмите и агендите на сите политичари, на државно и на локално ниво. Особено во предизборните кампањи, кога сите тие идеи и политики се силно пропагирани и објаснувани во сите и со сите маркетиншки средства. Ветувањата се безрезервни и безусловни само за да се освојат посакуваните функции и позиции. Целата борба и сите тие силни заложби завршуваат со усвојувањето на функцијата и седнувањето во удобните кабинети и фотелји.

За жал, активната борба за „чиста и безбедна животна средина“ и „одржлив развој, одржливо живеење“ завршува тука и многубројните замисли стануваат бавни, млаки, дел од говорите кои и понатаму ќе ги држат говорниците на разни собири и конференции, или пак дел од опозициските движења на секое ниво.

Големите кризи и катастрофи, на локално и на меѓународно ниво (пандемијата на ковид-19, енергетската криза со војната во Украина, земјотресите во пошироки појаси на Земјата) секогаш го потсетуваат човекот на некои од грешките (нездравото живеење и нарушеното светско здравје на луѓето, лошата распределба на превласта на главните енергенти за сите животни активности – од електричната енергија преку горивата дури до храната, лошото менаџирање на градењето на градовите и урбаните средини). Бидејќи екосистемските услуги главно се сметаат за економско опкружување, тие немаат цена и поради тоа се прекумерно искористени и деградирани, состојба што понекогаш се нарекува „заедничка трагедија“. Последиците од сите нив, за целата планета Земја и целото човештво се катастрофални.

Општествените нарушувања како војна, криминал и корупција ги одземаат ресурсите од оние области што претставуваат најголеми човечки потреби, го оштетуваат капацитетот на општествата за правење планови за иднината и во принцип се закануваат на благосостојбата на човекот и на животната средина.

Исцрпувањето на природните ресурси, вклучувајќи ја и свежата вода, ја зголемува веројатноста за „војна за ресурси“. Овој аспект на одржливоста се нарекува еколошка безбедност и создава јасна потреба за глобална еколошка согласност за управување со ресурсите како што се водоносните слоеви и реките што ги пречекоруваат политичките граници, и за заштита на заедничките глобални системи како океаните и атмосферата.

За жал, сите луѓе – функционери од највисоко до најниско ниво (на меѓународно и на локално ниво) стануваат дел од системската бирократија. Функцијата се искористува за да се стане дел од власта која ќе управува со ресурсите (многумина јавно или затскриено стануваат и сопственици на ресурсите), дел од структурите кои ќе ги контролираат ресурсите и емисиите/имисиите на локално, регионално и меѓународно ниво.

Бидејќи, ЗА ЖАЛ, НЕМАМЕ ПЛАНЕТА Б, останува онаа најосновната, но најсуштинска задача и активност на сите нас. Колку и да звучи дека сме во 21 век и дека тоа е веќе во голема мера завршена работа, мислам дека не е и дека сè уште е отворена за интензивна работа. Мораме да работиме на СВЕСТА на сите нас, луѓето, од најмалите до највозрасните, да се менуваме и усогласуваме за подобра и почиста животна средина. Конечно, сè што ќе научиме и ќе стекнеме ново знаење и искуство – да го применуваме од истиот момент. Покрај другите знаења, сите млади генерации треба да имаат важни предмети за изградување на нивната свест за чиста животна средина. Политичарите и функционерите да ја остават и да ја тргнат алчноста од ресурсите и енергентите на човештвото. Светските лидери да ги остават воените пресметки и военото профитерство во историјата и да ги насочат своите идеи и сили во трките чија цел е да се постигне и обезбеди подобра и почиста животна средина.

Сеопфатно заснованите стратегии за повеќе одржливи општествени системи вклучуваат: развиено образование и политичка еманципација на жените, особено во земјите во развој; поголемо почитување на општествените права, еднаквост помеѓу богатите и сиромашните, како во внатрешноста така и помеѓу државите; и меѓугенерациска еднаквост.

Повторно и повторно може да звучи утопистички, или професорски, но тоа мора да биде така. Ако не се случи тоа, ако децата и учениците растат без изградена свест каде да ја фрлат амбалажата од кроасанот и сендвичот, лименката или шишето од сокот, ако политичарите ја практицираат власта само за брзо богатење преку остварување процент од сопствеништво на ресурсите на енергентите (централите на фотоволтаици, ветерници, мали хидроцентрали) – тогаш филмовите и апокалиптичните сценарија од фантастичните филмови полека ќе стануваат реалност – ЗА ЖАЛ, НЕМАМЕ ПЛАНЕТА Б.

–  д-р Анита Грозданов, редовен професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје

Subscribe To our newsletter!