Со што се китиме? - Europe House

26 Апр

BACK

Со што се китиме?

Со што се китиме?

Пишува: Марија Милошевска, етнолог и мултимедијална уметница

Самото суштествување подразбира творење, креирање, оживување на нешто. Во процесот на креирање на културата накитот претставува еден вид систем од наследени форми изразени преку симболи, со чија помош луѓето комуницираат, опстануваат и го развиваат своето значење и знаење за светот, но и за својот живот.

Накитот е безвремен симбол на идентитетот, статусот и митологијата во човековата култура. Уште од камено време, па сѐ до денес, накитот игра значајна улога во материјалната и духовната ориентација на човекот.  Ова навраќање во каменото време кај архаичниот човек е само компарација и потсетување на репродукцијата на првобитниот чин во повторувањето на еден митски примерок или дејствие, т.н. накит-украс-китење. Заземањето на територијата на телото, со цел да се накити или да се искористи како простор, преку самиот чин на ритуалното украсување со дадената форма придонесува самата форма да стане реалност.

Преку чинот на ритуалното украсување накитот го претвора хаосот во космос, давајќи суштина, дефиниција и меморија за одредена реалност.

Накитот служи како центар на надворешната сила, припишувајќи ги значењето и искуството преку симболиката, потеклото или самиот материјал. Накитот е буквално алка или синџир во создавањето на културата преку верувањата, култот, значењето и обичаите кои ги поврзуваат предметот и личноста. Луѓето ги полнат своите ковчези со бисери, срца, потковици и детелинки, создавајќи материјален спомен за нивното постоење, а самиот страв од заборавање или „вечниот“ потсетник е тоа што нè тера да се украсуваме со сентиментални вредности.

Најскапоцената вредност на накитот е во неговата емотивна и чувствителна поврзаност која ја надминува неговата парична вредност. Всушност, накитот добиен преку наследството што го носиме на нашето тело ја носи тежината на нашата историја и нашите корени. Негувањето на наследениот накит истовремено значи и предавање или пренесување на дел од традицијата на идните генерации. Споделувањето на традицијата и културата е многу повеќе од линеарна и хронолошка активност, преку визуализирање на културата како мрежа и традицијата како нешто што активно се пренесува и циркулира низ таа мрежа.

Во денешната технолошка револуција промените во материјалниот свет одразуваат промена во состојбата на духот и свеста и затоа е важно да одржуваме рамнотежа помеѓу материјалното и духовното и истовремено да ја негуваме сентименталната вредност и чувствата кои нè поврзуваат со нашите корени и наследство.

Се раѓаме со злато и со буква. Со бурмите ја ветуваме љубовта, на вратот ги нижеме медалите, на рацете ги ставаме амајлиите, а спомените за корените филигрански се извезени на обетките, кои пак го одекнуваат моменталниот звук на постоењето – животот.

 

-Марија Милошевска, етнолог и мултимедијална уметница

Subscribe To our newsletter!