Приказните (ќе) го (из)лекуваат човештвото - Europe House

28 Јун

BACK

Приказните (ќе) го (из)лекуваат човештвото

Приказните (ќе) го (из)лекуваат човештвото

Повод за овој текст се дваесетината изданија на ПичПрич, настан посветен на раскажувањето приказни, кој се одржува повеќе пати годишно од 2016 година, и неколкуте изданија на ПичПрич во рамките на Викендот на гордоста, каде што темата секогаш е иста – „Срамота!“

ПичПрич е иницијатива чија цел е да ја негува женската усна историја, односно да ги претстави и да им даде значење на сите оние важни настани, појави и превирања за кои не се сметало дека „заслужуваат“ да влезат во официјалната, канонизирана историја затоа што претежно им се случувале на или ги вршеле жените. Истовремено, иницијативата се труди и да ги нормализира женските и маргинализираните искуства и доживувања на светот, да даде ново толкување и на нов начин да ги претстави доминантните односи на моќ. Ова се изведува преку раскажување приказни од 10 до 12 минути, вистинити или фиктивни, на претходно зададена тема. Намерата на темите на ПичПрич е да произлегуваат од некое типично женско искуство, но секогаш да бидат доволно широки за да можат да се толкуваат на десетици начини („Влакна“, „Првиот пат кога“, „Бев сама“, „Добив“ итн.), додека Срамота! секогаш во фокус го става срамот насочен кон луѓето што се доживеани како поинакви, особено ЛГБТИК+ заедницата.

Причината зошто се решив да пишувам за ова е тоа што со секое ново издание одново се изненадувам од релевантноста на раскажаните приказни, но и од интересот што публиката го пројавува за овие настани, особено со оглед на нашиот повеќедецениски контекст на транзиција и апатија. Неизбежно доаѓам до заклучок дека ваквиот облик на раскажување приказни, на споделување на трауматските доживувања низ остар хумор и саморефлексија е еден од најподатливите начини да се пренесат и споделат дел од можеби најгорливите проблеми со кои се соочува денешното општество.

Многубројни се фактите кои ја потврдуваат важноста на приказните и раскажувањето, од тоа дека се основата за нашето поимање на светот, најлесниот начин на содржајно учење, како и срж на речиси сите уметности. Тие се најлесниот начин да се разбереме себеси, но и да се поврземе и поистоветиме со другите и непознатите. Приказните на ПичПрич и Срамота! се често лични и доживеани, раскажани во безбеден простор, пред публика која е жедна за теми што се сметаат или за недоволно пристојни или за премногу тривијални да се обработат од „официјалните“ канали. Понатаму, приказните се непретенциозни – не се расфрлаат со сложени теоретски поими и постулати, туку ги покажуваат закономерностите и аномалиите на живеењето низ призмата на личното искуство (свое, или туѓо) што уште во старт поставува основа на поистоветување меѓу публиката и раскажувачките. Ги дестилираат доминантните политички и социо-економски околности во ударот што паѓа врз грбот на поединката/поединецот и траумата што произлегува од таквиот удар, а јавно раскажаната и освестена траума често постигнува катарзично, терапевтско дејство – соочување со она што било или е, но и замислување нови начини како може да (се) биде.

Зазорот поврзан со искуствата што се цензурирани, за кои „мора“ да се молчи, а кои често знаат да бидат формативни, е заменет со чувство на солидарност, при што абјектното станува прифатливо. Им се восхитувам на храброста на раскажувачките да се нафатат на теми кои влечат длабоки корени на срам и омаловаженост, отфрленост и преку раскажувањето, често и со доза на интелигентен хумор да ги преобразат во чист извор на прифаќање на себеси и на другиот.

Во деценија кога самото човештво испишува нови тешки колективни трауми и се чини дека повторува претходно многупати направени бесмислени грешки, во контекст кога можноста од доаѓањето на „судниот ден“ ни се чини сѐ пореална како заробеници на малите „црни огледалца“ што секојдневно ни го цицаат вниманието, раскажувањето приказни дава трошка надеж дека сепак човештвото ќе ги преброди сите премрежиња и ќе најде смисла во денешниот фрагментиран свет.

 

Фото: Жарко Чулиќ

Subscribe To our newsletter!