Трудови од архитектонскиот конкурс „Скопје на новата генерација“ - Europe House

23 Ное

BACK

Трудови од архитектонскиот конкурс „Скопје на новата генерација“

Трудови од архитектонскиот конкурс „Скопје на новата генерација“

Лотос за неа: Одржлива оаза во Градскиот парк во Скопје

Автор: Антонио Грујевски (добитник на првата награда )

Наслов на проект: Лотос за неа: Одржлива оаза во Градскиот парк во Скопје

Локација – Фонтана „Лотосов цвет“ во Градски парк – Скопје

 

Авторско образложение:

„Лотос за неа“ е проект за визионерски пејзаж и реставрација со цел да ја зајакне зелената одржливост во рамките на урбаното ткиво на Скопје, истовремено оддавајќи почит кон пионерите жени-архитекти кои играле клучна улога во реконструкцијата на Скопје по земјотресот во 1963 година. Проектот ја претставува трансформацијата на клучниот простор во Градскиот парк во Скопје во една динамична и одржлива оаза.

Во свет што сè повеќе е посветен на грижа кон животната средина, согласно шесте цели на ЕУ за животната средина, „Лотос за неа“ применува одржлива филозофија. Носи иновативни, еколошки решенија за просторот што беспрекорно ја интегрираат модерната технологија со природата и создаваат хомогени, зелени оази.

Преку вметнување на обновливи извори на енергија, ефикасно управување со водата, еколошки материјали, бујна вегетација и решение за заштита на пчелната популација во паркот, проектот овозможува поодржлива иднина за граѓаните на Скопје и за идните генерации.

Во име на историјата, „Лотос за неа“ искажува искрена почит кон жените кои одиграле клучна улога во повторната изградба на Скопје преку спомен-парк со дрва како сведоштво за нивната сила и отпорност, нудејќи мирно место за размислување и сеќавање.

Проектот има цел да ја комбинира историјата со природата. Една од главните цели е да се реставрира фонтаната „Лотосов цвет“, дизајнирана од почитуваната архитектка Мирјана Милановиќ-Волињец, со што би го добила оригиналниот изглед, како и дел од изгубеното лотосово езерце, што ја инспирирала визијата на авторот. Понатаму, од клучно значење е реставрацијата на оригиналната подна декорација преку користење на еколошки материјали и инклузивни дизајнерски решенија. Оригиналната просторна организација е надградена со нови, модерни кабини со УСБ-Ц соларни полначи и ЛЕД-осветлување.

„Лотос за неа“ содржи образовна компонента наменета за јакнење на следната генерација со знаења околу одржливи практики и свест за животната средина. Тоа претставува визионерски напор, преку кој се спојува минатото со иднината, историјата со одржливоста, уметноста со образованието. Проектот треба да претставува одржлива оаза и наследство за идните генерации.

 

 

Цели:

Главната визија на проектот е да се создаде подинамична, одржлива и инклузивна урбана средина што ги одразува духот и отпорноста на скопското минато преку изградба на одржлива иднина и додадена вредност за Скопје како Европска престолнина на културата во 2028 година.

Зелена одржливост: создавање на хармонична рамнотежа помеѓу урбанистичкиот развој и заштита на природата преку заживување на постојните зелени простори, вметнување на обновливи извори на енергија, енергетски ефикасно осветлување и спроведување на одржливо управување со дождовна вода и отпад заради намалување на влијанието врз животната средина.

Историско признание: „Лотос за неа“ ќе служи како признание за извонредните архитектки кои придонеле во реконструкцијата на градот по земјотресот во 1963 година.

Вклучување на јавноста: Вклучување на локалната заедница и посетителите на паркот во одржливи практики. Едукативни програми, мурали и работилници за урбани фарми ќе негуваат подлабоко разбирање околу важноста на зелените простори во урбани средини.

Места за собирање на заедницата: „Лотос за неа“ нуди разновидни инклузивни простори за собирање на заедницата, настани на отворено, како и релаксација, преку што се негува чувство на припадност и прогресивен дух на заедницата.                                                                                                                                                                                           

 

 

 

 

 

 

 

Автор: Антонио Грујевски


 

Преосмислување на брановите во боја

Автори: Даниела Василева, Сара Велеска, Сара Трајкова

Наслов на проект: Reimagining Colorwaves (Преосмислување на брановите во боја) (добитницина втората награда )

Локација – Кеј „Димитар Влахов“ на реката Вардар (од зградата на МАНУ до бензинската пумпа на „Макпетрол“)

 

 

Авторско образложение:

Вгнездена помеѓу реката Вардар и административниот и културен дел од центарот на градот, оваа локација е позната по своето административно и културно значење, поради легендарната зграда на МКЦ како симбол на културна и општествена енергија и каде што се одржани безброј настани и собири. Во денешно време, местото ја задржува својата мирна атмосфера и служи како врска помеѓу луѓето и нивниот работен простор и живее само во одреден период во текот на денот. Сепак, неговиот потенцијал како динамичен и просперитетен центар е опиплив поради блискоста со центарот на градот и неговиот прекрасен поглед од брегот на реката.

Во обид да се вдахне нов живот во овој динамичен урбан простор, предлагаме сериозна интервенција по должината на улицата покрај брегот на реката, интервенција што ќе го заштити нејзиното историско значење, а истовремено ќе навести нова ера на енергија и намена. Нашата визија е да се зајакне овој простор преку додавање појаси во боја што ја симболизираат транзицијата од минатото кон иднината. Овие појаси во боја ќе бидат исткаени во улицата и беспрекорно ќе се интегрираат во околината.

 

Хоризонтално гледано, ја делиме улицата на две посебни зони, каде што секоја ќе има посебна намена, истовремено зачувувајќи ја суштината на културните и административните институции што го дефинираат просторот. Првиот дел од улицата, веднаш до легендарната зграда на МКЦ, се замислува како динамичен простор за култура и дружење. Тука, уличниот пејзаж ќе биде дизајниран да ги привлекува луѓето и ќе овозможува интерактивна средина.

Оттука почнуваат трите појаси што се движат по должина на улицата. Еден од појасите се движи вертикално и формира различни простори за дружење и искусување на просторот. Дел од него се и клупите за седење, места за игра и качување, бар за интеракција, како и видиковец што нуди поглед кон реката и спротивната страна. Можно сценарио во овој дел е опцијата за улична уметност, мурали и уметнички инсталации што оддаваат почит на богатата културна историја на просторот и поттикнуваат креативност.

Вториот дел од улицата, што ги сервисира корисниците на административните згради, ќе нуди соодветна атмосфера за работа и соработка. Овој сегмент ќе даде приоритет на функционалноста и ефикасноста преку: работни зони дизајнирани за да ги задоволат потребите на административниот кадар, станици за кафе и киосци за потребите на луѓето кои работат тука.

Оваа интервенција има цел да создаде хармонична рамнотежа помеѓу културата и администрацијата преку зголемување на привлечноста на овој урбан простор.

 

Автори: Даниела Василева, Сара Велеска, Сара Трајкова

 


Автори: Натали Велеска, Ален Цветковски и Дона Митровска

Наслов на проект: SpineX (добитници на третата награда )

Локација –  булевар „Никола Карев“ (Пластичарска учица)

 

Авторско образложение:

Изборот на локацијата за овој конкурентен проект да биде булеварот „Никола Карев“, познат во колективната меморија како „пластичарска улица“, се јавува поради фактот што таа претставува традиционална трговска улица полна со мали занаетчиски и трговски единици. Многу луѓе ја посетуваат оваа локација за да купат конкретни производи и тие најчесто доаѓаат со автомобил, што носи со себе неколку проблеми што го намалуваат вкупниот квалитет на понудата.

Основната идеја за оваа улица, преку нашиот архитектонски и урбанистички пристап, потекна како резултат на револт кон државата и нејзиниот третман кон улицата, и покрај фактот што таа неодамна е реконструирана. Затоа што не постои можност или иницијатива за решавање на хаотичните услови и проблеми што се дел од модерната верзија на „Пластичарска“, нашето решение е таа да се подигне на ново ниво – улица за велосипеди и пешаци изградена како заоблена лесна структура во вид на мост, направена од скелетен систем со челични држачи, обложени со бетон и скулптурална форма. Таа ќе содржи и ќе поврзе различни содржини за друштвени активности и инклузија за сите луѓе. Овој „лесен“ скелетен систем е придружен со цилиндрични бетонски „кули“ што ќе служат како вертикални врски до нивото на улицата, со што овозможува структурна стабилност и зајакнување.

Целта е да се решат голем број проблеми со кои се соочува оваа локација, првично поради модерниот начин на живот и зголемениот број возила во градот, особено на оваа улица. Ова директно ја намалува безбедноста на пешаците, со оглед на тоа што нема соодветни пешачки премини и несоодветното преминување на необележани делови од патот е редовна појава. Автомобилите се паркираат на тротоарите и нема посебни велосипедски патеки или безбедни коридори или активности за лица со попреченост. Поради тоа, нашето решение нуди безбеден коридор за пешаци и велосипедисти, безбеден премин од едната страна од булеварот на другата преку неколку платформи со скали и лифтови и долги рампи за велосипеди на крајот од патеката.

Друга карактеристика поврзана со овој дел од градот е дека речиси сите постојни капацитети се отворени до одредено време и потоа се затвораат, со што улицата станува целосно неатрактивна и не нуди други поволности за да привлече повеќе посетители и да заживее околината. Затоа нашиот проект вклучува голем број на друштвени и културно-забавни активности, како што се амфитеатар за мали културни настани, изложбени панели на отворено, мали отворени комерцијални и занаетчиски единици што ќе им дадат можност на локалните занаетчии да ги прикажат нивните традиционални рачни занаети од регионот. Оваа пешачка улица исто така вклучува неколку места за релаксација и рекреација, како и отворени работни места во форма на линеарни клупи, лежалки, маси, столови, јавни тоалети и места каде што посетителите можат да купат храна и пијалаци.

Еден од најзначајните квалитети што го постигнавме со ова решение е збогатувањето со ниско и високо зеленило, што моментално го нема на постојната локација. Тоа е придружено со амбиентални водни површини и детски реквизити за забава и вклученост на најмладите. За да се постигне енергетска ефикасност на ова решение, вклучени се посебни кружни соларни панели на секоја од кулите, за да се акумулира и да се користи соларна енергија за функционирање на сите капацитети и за осветлувањето на пешачкиот мост.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Автори: Натали Велеска, Ален Цветковски, Дона Митровска

Subscribe To our newsletter!