Одржлив плакар: Како да составите капсулна гардероба што ќе ја обожавате? - Europe House

6 Jul

BACK

Одржлив плакар: Како да составите капсулна гардероба што ќе ја обожавате?

Одржлив плакар: Како да составите капсулна гардероба што ќе ја обожавате?

Денешното општество нè повикува да консумираме со сè побрзо темпо и инстантно да ги добиваме производите кои ни се потребни. Благодарение на масовното производство, можеме да си дозволиме едноставно да ги фрлиме производите што веќе не ги сакаме и да ги замениме веднаш со минимално влијание врз нашиот буџет. Резултатот на ваквиот консумеристички пристап се производи дизајнирани со пократок животен век и со послаб квалитет. Модната индустрија е една од најлошите во овој поглед, со масовно производство што се случува во размери што повеќе не се одржливи. Но, сето тоа веќе се менува, а Модната Револуција придонесува за едукација на потрошувачите во тој поглед.

Бавната мода еден од аспектите кои ги промовира Модната Револуција, а подразбира движење насочено кон подобрување на одржливоста, на тој начин што ги поттикнува сите чинители и култури што ја опкружуваат индустријата да ја преиспитаат истата во секоја алка од синџирот, додека истовремено ги охрабрува и трговците и потрошувачите да преземат поетички пристап кон модата. Се чини дека сега е најдоброто време да ги преиспитаме нашите навики на купување.

Фактите и бројките за потрошувачката на мода можеби не се најомиленото четиво за многумина, но следен пат кога ќе помислите да тргнете во шопинг, само сетете се дека:

Брзата мода се „протна“ во нашите животи бидејќи цената на облеката што ја нуди е толку мала, што потрошувачите се во искушение да купуваат нова облека со секој нов тренд, а во меѓувреме ја фрлаат без многу размислување старата облека која не им значи веќе ништо. Бавната мода е алтернатива на брзата мода и промовира побавен, одржлив пристап. Охрабрува купување винтиџ или облека од втора рака, редизајн на старaта облека, купување од помали, локални производители и дизајнери, и купување квалитетна облека со подолг век на траење. Тука стапува на сцена концептот на одржлив плакар.

Што значи да се изгради одржлив плакар?

За да стигнеме до одржливиот плакар, треба прво да разговараме за концептот на капсулна гардероба, за кој сигурна сум дека веќе сте слушнале. Ако веднаш помислувате „Дали е можно да се направи капсулна гардероба со одржливи парчиња?“, одговорот е многу лесен – ДА – бидејќи самиот концепт се води по принципите на одржливоста. Но, да почнеме полека.

Концептот на капсулната гардероба подразбира ограничен избор на парчиња облека што се надополнуваат едни со други, може да се ротираат и да сочинуваат една идејно-естетска целина  – вашиот стил. Тоа се најчесто класични парчиња кои не излегуваат од мода и првенствено се составени од неутрални бои. Капсулната гардероба ви овозможува да креирате различни сетови (аутфити) со мал избор на облека. Може да ја изгради секој, без разлика на нивото на одржливост што го применува.

Капсулната гардероба обично содржи триесетина квалитетни, основни парчиња облека што може да се надополнуваат со сезонски парчиња. На оние со минималистичките стил може полесно да им оди процесот на селекција, но и ако сте индивидуи со страст за впечатливи бои и дезени, капсулната гардероба е нешто кон кое можете да се стремите и да го реализирате. Сè додека парчињата се навистина безвременски и што е најважно, направени за да траат, вие веќе имате одличен старт.

Бидејќи концептот на капсулната гардероба се фокусира на квалитетот, а не квантитетот, за кратко ќе забележите дека имањето одржлив плакар не само што ќе ви го олесни одлучувањето што да облечете и ќе го реши нередот, туку и ќе ви помогне да го намалите вашиот „придонес“ кон загадувањето како конзумент на модната индустрија и нејзиното штетно влијание на средината (помислете само на намалениот јаглероден отпечаток!)

Првиот чекор е најтежок. Ова се останатите

Како да составите одржлив плакар што ќе го обожавате? Низ неколку лесни чекори, секако!

Градењето капсулна гардероба значи логичен избор на облека што не само што сакате да ја носите, туку е практична и разноврсна. Првиот чекор е да направите ревизија на плакарот. Поминете го секое парче што го поседувате и проценете што редовно носите, а што никогаш не сте допреле или облекле.

Неколку прашања што можете да си ги поставите за секое парче се:

Кога последен пат го носев ова? Дали го носев изминатава година? (океј, пандемиската година можеби и не е најдобар критерум, но го сфаќате принципот, нели?

Дали одговара на мојот секојдневен начин на живот?

Дали се вклопува со мојата останата облека?

Дали го сакам ова парче облека?

Овие прашања ќе ви помогнат да донесувате одлуки за тоа што треба да остане, а од што може да се збогувате. Содржината на вашата капсулна гардероба ќе варира во зависност од сезоната и вашиот индивидуален стил. Но, важно е дека сакате да имате баланс на горни и долни парчиња, парчиња за слоеви, и додатоци.

Одржливите прашања кои треба да си ги поставите се:

Од каков материјал е направено ова парче облека?

Дали со секое следно перење испушта микропластика што завршува во водите и ја загадува животната средина?

(Уште) Колку време ќе (можам да) го носам?

Дали е доволно квалитетно и одржливо за да можам да го планирам во мојата капсулна гардероба?

Дали е од бренд/производител/дизајнер со чии вредности се согласувам и за чии практики сум информиран/а и ги поддржувам?

Следниот чекор е да одлучите со колкав број на парчиња сакате да ја изградите вашата одржлива капсулна гардероба. Овие бројки ќе зависат од климата каде живеете, од вашиот животен стил и од тоа колку често ги перете алиштата. Не мора да следите никакви правила, правете го она што најдобро одговара за вас. Изберете палета на бои што ќе ги комбинирате со неутрални бои, како што се бела, црна, сива, темносина (морнарска сина) или крем. Овие бои работат добро една со друга, како и со која било друга боја. Потоа можете да додадете неколку „акцент“ бои што ги сакате и кои одговараат на тонот на вашата кожа. Исто така, препорачувам паметно да ги изберете влакната на облеката. Јас лично, претпочитам природни влакна како лен и органски памук, бидејќи тие се поодржливи и ѝ дозволуваат на кожата да „дише“.

Откако ќе го направите изборот, ослободете се од вишокот облека преку: размена, донација, подарување, рециклирање…

Вашата капсулна гардероба ќе почнете да ја градите од она што веќе го имате и во тој момент е носливо и ви е точно. Ова е делот кој сакам посебно да го нагласам. Точниот фит на облеката е она што најмногу придонесува да го сакаме и носиме некое парче. Тоа значи дека можеби причината зошто не носите одреден модел на панталони или фустан почесто, е бидејќи не ја носите точната величина и/или фит за вас во моментов. Размислете за ова кога ја правите селекцијата на облека. Потоа постепено додавајте ги парчињата кои ви недостигаат. Добри основни парчиња облека што сигурно веќе ги имате во вашата капсулна гардероба се маици во неутрална боја, пар црни панталони, еден или два пара фармерки, две-три здолништа, кардиган/кимоно за слоеви и црн фустан што лесно може да го носите и во лежерна и во посвечена варијанта. Препорачувам да купите висококвалитетни парчиња, по можност од втора рака или од одржливи брендови, а бидејќи почесто ќе ја носите облеката, тие треба да траат подолго. Откако ќе ја имате целата облека што ви треба, не заборавајте ги јакните, обувките и додатоците! И воала! Сега имате одржлива капсулна гардероба!

Со оглед на тоа дека живееме во поднебје со јасно изразени четири годишни времиња, ви препорачувам да ја чувате вонсезонската гардероба спакувана далеку од видното поле. На овој начин, ќе имате 4 различни сезонски капсулни гардероби, со неколку парчиња што ќе ги користите во текот на целата година. Се надевам сега е појасно зошто треба да купувате квалитетни парчиња што ќе „издржат“ многу перења, но и ќе се перат поретко (квалитетен џинс, на пример), нема да ја изгубат формата и нема да ја загадуваат животната средина со секое следно перење.

Јутјуберката Џесика Харуми покажува еден едноставен начин како да направите капсулна гардероба за една сезона од 10 парчиња што се носат во 10 различни стајлинзи. Одличен почеток!

Зошто ќе изгледате подобро и ќе се чувствувате подобро?

Создавањето капсулната гардероба можеби ќе биде малку подолг процес и можеби на почетокот ќе се чувствувате дека е „преголем залак“, но не се обесхрабувајте. Ќе ви треба малку време да го исчистите плакарот од облеката што никогаш не ја носите. Исто така, треба да бидете подготвени да инвестирате малку во нови парчиња, бидејќи тие неизбежно ќе бидат поскапи од она што го нуди брзата мода.

Да ве охрабрам со набројување на сите бенефити од составувањето на одржлива капсулна гардероба:

Полесни одлуки – Нашиот мозок е програмиран да носи одреден број одлуки во текот на денот. После тоа, се заморува, и ние се мачиме да донесеме повеќе одлуки. Со капсулната гардероба ќе ви биде многу полесно да одлучите што да носите, а со тек на време, изборите сами ќе ви се презентираат. И ќе знаете дека секојпат носите нешто што го сакате и во кое се чувствувате удобно.

Повеќе време – Со внимателно избраната капсулна гардероба ќе си заштедите многу скапоцено време, особено наутро, кога можете да го искористите времето поминато зјапајќи во отворен плакар на подобар начин – да испиете на раат шолја кафе или чај, да медитирате, да вежбате, да прочитате неколку страни од книгата за која се правдате дека немате време да ја прочитате, или едноставно да се фокусирате на денот што ви претстои и да ги запишете дневните обврски и цели. Да не зборуваме за времето поминато во пребарување облека во физичка продавница или онлајн, само бидејќи има „распродажба“.

Поголема одржливост – Со капсулната гардероба ќе поседувате безвременски парчиња што ќе ги носите со години и кои нема да излезат од мода. Бидејќи немате многу облека, го носите секое парче што го поседувате, а тоа значи дека го сакате и добро се грижите за него. Луѓето кои избираат да состават одржлива капсулна гардероба често инвестираат во квалитетни парчиња кои траат долго и избегнуваат брза мода која неретко се произведува со експлоатација на човечки труд.

Подобро планирање на буџетот – Кога имате капсулна гардероба, не мора често да одите на шопинг бидејќи парчињата облека се меѓусебно заменливи и разноврсни. Ова значи дека ги носите повеќе пати, и не купувате парчиња кои нема редовно да ги носите. Исто така нема да паѓате на импулсивно купување и трошење бидејќи точно знаете што се вклопува во вашиот плакар, а што не.

Подобар стил – Да, стилот се гради, а капсулната гардероба сама ќе ви покаже која е облеката што најчесто ја носите, најмногу ја сакате и во која се чувствувате удобно, самоуверено, моќно, заводливо… СВОИ!

 

Текст: Александра Спасеска

Илустрација: Моника Стојановска

 

Subscribe To our newsletter!