milan, Author at Europe House - Page 2 of 30

Record Talks with Igor Spiroski and Bojan Petkov – Shamba

Во втората епизода оваа година од Record Talks серијалот, ни беше чест и задоволство да ги пречекаме Доктор џез – Игор Спироски и Бојан Петков – Шамба (Letecki Pekinezeri (Летечки Пекинезери) пред просториите на Amok Radio 🎺Резултатот е одлична дружба и повеќе од 1️⃣ час разговор околу некои од нивните омилени плочи од сопствените колекции!

World Art Day (Suli An)

Во прекрасниот амбиент на Сули Ан, го одбележивме празникот на уметноста токму таму каде младите уметници ја создаваат. #WorldArtDay
На изложбата беа изложени слики, графики, цртежи, инсталации и дигитални дела. Делата беа поставени во дворот на Сули ан, како и на терасата на горниот кат.
Учесници на изложбата: Славчо Павлоски, Благоја Грозданоски, Андриана Милошевска, Ивона Петрова, Лусиана Ампева, Марта Патлиџанковска, Марија Ќурчиева, Ивона Младеновска, Горјана Калевска, Сара Милошевска, Никола Станковски, Валон Идризи, Ванеса Ода, Филип Ристевски, Мартин Калков, Мартин Буровски, Сихана Сејфулаи, Благица Трајкоска, Стефан Божиновски, Марко Печеновиќ, Марија Јаќовска, Теона Милева, Милена Петковска, Михаил Паскоски, Сара Митковска, Габриела Живковска, Теодора Андоноска, Ева Симевска, Елена Стојкова, Симона Трајановиќ, Ангела Манчевска, Ивана Секулоска.
Во рамки на настанот се одржаа и проекции на студентски филмови од студенти на Факултетот за драмски уметности, Факултетот за ликовни уметности, како и Факултетот за дизајн и мултимедија при Американскиот универзитет на Европа – ФОН.
Учесници со свои филмови се: Тина Величковиќ („Филм за Марјан Величковиќ – Мачор“, документарен филм, 2021, 17′ 25″), Розе Симоновска („Автопортрет“, 2021, 5′), Стефан Божиновски („Тука сум“, 2021, 22′ 05″), Ана Андонова („Малечка“, 2020, 14′ 56″). Перформанс „Графичарски експонати“
Дополнително, група студенти од катедрата за графика на Факултетот за ликовни уметности припреми дополнително колективно дело. „Графичарски експонати“ е концептуален перформанс кој го посочува чувството кое го имаат студентите за време на својата работа во печатницата, која како дел од просторот на Сули ан е често посетувано место од љубопитни минувачи. Перформансот ќе трае од 17:00 – 18:30 и ќе биде изведен во и околу печатницата на долниот кат од Сули ан.
Учесници во перформансот „Графичарски експонати“ се: Стефан Божиновски, Милена Петковска, Михаил Паскоски, Габриела Живковска, Ева Симевска, Сара Митковска, Евгенија Трајковска, Теона Милева.

,,Човек неусетно се троши” – изложба автопортрети на Тони Попов во Europe House Струмица

Во Europe House Струмица беше отворена изложбата  на автопортрети ,,Човек неусетно се троши” на уметникот Тони Попов.
Изложбата ја организира здружението за култура „Транзен“. Тони Попов е уметник што твори во повеќе медиуми. Повремено пишува сценарија за краток филм, раскази и поезија. Со сликарство професионално се занимава од 2011 година. Во јули 2020 година, во Охрид, Попов ја започна летната сликарска школа за деца „Пробај уметност“, а од минатата година е член на ДЛУБ.

Europe House со средните училишта

Средношколците од Алгоритам го исполнија крајот на работната недела со многу корисни активности:
– Се дружеа со своите врсници од Нови Сад преку програмата на Regional Youth Cooperation Office – RYCO – Superschools
– Ја одржаа последната од серијата работилници за ареозагадувањето заедно со Go Green – Биди Зелен , вклучувајќи ги и пријателите од Србија.
– Поделија садливи картички и рачно изработени органски сапуни кои самите ги изработиле
– Проследија обука за безбедност и спасување во случај на временска непогода од стручниот тим на Црвен Крст
Погледнете ја атмосферата во градскиот парк:

Дамите од Делегација на ЕУ дел од Авицена Женска трка 2022

🏃‍♀️ Дамите од Делегацијата на ЕУ учествуваа во Авицена Женска трка 2022 🙌.
Обединети под слоганот #TeamEurope, со своето учество дадоа поддршка на Украина #StandWithUkraine.
Браво за спортскиот дух на нашите #BraveSouls. You keep our spirits high 🔝❗️

Како до еколошки и енергетски исплатливи фасадни реновации?

Вовед во фасадни реновации

Многу од зградите кај нас потекнуваат од минатиот век кога се градело брзо и евтино, како природните ресурси да се бесконечни, а бетонот да е вечен. Со првите пукнатини на нивните фасади дојдоа и првите сомнежи дека оваа прагматична архитектура можеби и не е толку трајна како што претходните генерации се надеваа.

Децении подоцна, во пикот на оваа еколошка и енергетска криза, веќе знаеме дека за да загрееме или оладиме еден неизолиран објект треба да потрошиме барем 20% повеќе енергија. Колку повеќе енергија трошиме, толку повеќе ја загадуваме планетата, но и толку повеќе растат нашите сметки.

Архитектурата треба се менуваат во тек со технологијата и развојот на општеството, па така зградите кои повеќе не се ефикасни треба или да ги срушиме или да ги поправиме.

За рушење на постоечките и градење на нови згради ни требаат многу повеќе пари, време, сурови ресурси и енергија. Дополнително процесот ќе ослободи толку многу јаглеродни емисии во воздухот што на новиот објект ќе му требаат децении да ја поврати штетата од неговото градење.

Реновацијата честопати е финансиски подостапна и позелена алтернатива, бидејќи прави големи заштеди преку рециклирање на елементите кои се уште се во добра состојба. Впрочем, ако сакаме да ја подобриме ефикасноста на една постоечка зграда потребно е да ја унапредиме само нејзината надворешна обвивка – фасадата, прозорците и кровот.

Соодветна термална изолација ги намалува потребите за греење дури до 70%, зависно од постоечката состојба на објектот и методор на реновација / извор: ЕУ директорат за Енергија; фото: www.isowall.co.za

Нивоа на фасадни интервенции

Минимална енергетска реновација подразбираа барем инсталација на прозорци со двојно стакло и термална изолација на постоечките ѕидови и кровови. Овој слој ја дефинира енергетската ефикасност на објектот – колку подебела и поквалитетна изолација, толку се поголеми придобивките.

Сепак и овие реновации  се сериозна финансиска инвестиција, но доколку гледаме на долгорочен план само со намалување на сметките за греење и струја обично успеваме да ги повратиме парите во период од 8 до 15 гoдини.  Со новите покачени цени за греење, веројатно би си ја вратиле инвестицијата уште побрзо.

Но, кога веќе ги подигнуваме скелињата и ги инвестираме парите најисплатливо е да направиме колку што е можно повеќе во еден залак.

Ова може да значи инвестирање во поквалитени и потрајни материјали, кои ќе гарантираат подолг живот на новата фасада. Исто така можеме да се фокусираме на алтернативи кои се базираат на природни ресурси и лесно можат да се рециклираат, или пак да инвестираме во зелен кров или зелени ѕидови кои истовремено и изолираат и го прочистуваат воздухот.

Процесот на фасадна реконструкција е одлична прилика за унапредување на постоечката архитектура или додавање екстензии, кои можат и да ни помогнат во финансирањето на самиот проект. Со подигнување на квалитетот на живеењето во овие згради се зголемува и нивната вредност на маркетот при продавање или издавање.

Интересен пример се и станбените згради каде има можност за додавање на плус катови. Сопствениците можат да изградат нови, екстра станови, а со нивната продажба да си ја повратат оригиналната инвестиција за фасадната реновација.

Фази на фасадна реновација

Фасадна реновација на објект во н. Пролет во Скопје / фото пред – google.com/maps; потоа: porta3.mk
  1. Анализа на постоечката состојба

Најпрвин правиме дијагноза на зградата. Дали таа има сериозни штети: пукнатини, знаци на влага, ’рѓа или присуство на азбест? Кои се можни решенија и колку се тие исплатливи? Кои материјали се достапни, колку се тие трајни и дали се штетни за околината?

Во оваа фаза експертот доаѓа на терен и ја проценува состојбата на постоечката градба, преку визуелна документација и одредени тестови
  1. Демонтажа и чистење

Во оваа фаза целата фасада се соголува и демонтира. Ова значи вадење на сѐ: олуци, огради и подови на тераси, прагови, цигли или малтер. Останува носечката структура која се мие со млазови и се проценува колку  таа е здрава и стабилна.

Демонтажа на фасада и крајниот резултат / фото: македонски блогови
  1. Структурални репарации

Доколку структурата е многу стара или не е квалитетно изведена таа ќе има штети на плочите од терасите, надвратниците, гредите, или ѕидовите, во форма на пукнатини, ронење или влага на бетонот.

Поправка на бетон и арматура е една посебно комплицирана процедура за која е потребно големо техничко знаење. Но, во секоја ситуација или буџет можат да се изведат одредени интервенции и подобрувања.

Поправка на бетон и арматура / фото: ceresit.sk
  1. Хидро и термо изолација + прозорци

Откако структурата е поправена, таа мора целосно да се изолира за да биде отпорна на топлина и влага.

Водата е најголемиот непријател на бетонот, доколку навлезе во неговата структура предизвикува ’рѓа и распаѓање, што во краен случај штети и на статиката на тој носечки елемент. Затоа целата конструкција мора да се обвије со водоотпорна мембрана како ЕПДМ, битумена или други хидроизолации.

Хидроизолацијата е особено важна на крововите и тераси, а најголемиот предизвик е изолирањето на ќошовите и спојките со ѕидовите /  фото лево битумена хидроизолација: podovi.org; десно хирдоизолација од течна гума: clcl.ru

Потоа се поставува термалната изолација како континуирана обвивка без многу прекини или топлотни мостови. Треба да ги покриеме цели ѕидови и цели кровови, а на отворите да поставиме двослојни стакла меѓу кои има посебни гасови кои спречуваат загревање или ладење.

Стиропорот е најчестиот избор за термална изолација поради ниската цена, но истовремено е и многу штетен за околина. Можеме да одбереме и материјали од природни ресурси како камена или стаклената волна кои не се траат повеќе и можат да се рециклираат / фото лево фасада со камена волна: koffkindom.ru ; десно фасада со стиропот: izdelavafasade.si

5. Зарвшен слој

Дури и при изборот на крајниот фасаден слој треба да размислуваме на одржливи, квалитетни и незапаливи материјали кои ќе ја гарантираат трајноста на целата градба. Тука имаме опција да бираме помеѓу малтер, дрво, метал, камен или различни композитни решенија.

Во ова фаза се изведуваат и сите останати фасадни елементи како огради, олуци, плочки на тераси и сл.

Овој завршен процес е многу важен бидејќи го дава крајниот естетски ефект на зградата, преку кој таа комуницира со урбаниот контекст и со своите корисници.

Реновирана фасада во Скопје / фото: www.porta3.mk

Автор: Ноеми Чаусидис, МАРХ

Одбележување на Светскиот ден на уметноста

Europe House ве кани заедно да го прославиме Светскиот ден на уметноста!

Во прекрасниот амбиент на Сули Ан, овој петок, 15 април, го одбележуваме празникот на уметноста токму таму каде младите уметници ја создаваат.
Ова пролетно петочно попладне, дојдете да се дружиме со студентите по ликовни и драмски уметности, во опкружение на избрани уметнички дела на младите автори од Факултетот за ликовни уметности; да проследиме проекции, перформанси, разговори за уметноста и културата… секако и со добра музика.
Следете не’ за целосна агенда на настанот.
Петок, 15 април 2022, Сули Ан / 14.00 – 19.00 часот
* Светскиот ден на уметноста се слави секоја година на 15 април, со цел да го промовира развојот, разноликоста, распространетоста, и уживањето во ументоста. Под покровителство на УНЕСКО, денот има за цел да подигне свест за креативните активности ширум светот.

#23 Arlinda Baftiu invites Andi Ismaili and Sariti Selamani

Andi Ismaili është balerini 13 vjeçar nga Gostivari, kampion botëror në baletin modern për kategorinë e juniorëve. Dy vite radhazi ka triumfuar në konkurencë me balerinë të talentuar nga 22 shtete të botës, në Kampionatin Botëror të organizuar nga International Dance Organization , të mbajtur në kryeqytetin e Polonisë.
Andi është pjesë e studios së baletit “iDance” dhe në 4 vite të angazhimit me balet modern numëron edhe 5 çmime të para në gara nacionale dhe internacionale të zhvilluara në vendin tonë. Falë performancave ekspresive, Andi tërhoqi vëmendjen e koreografit të famshëm Jan Ravnik me të cilin tashmë bashkëpunon për garat ndërkombëtare.
Historia motivuese e Andit është vizualizuar në filmin “BreakFree”, ku Andi luan për mrekulli rolin kryesor të djalit që ëndërron të bëhet balarin përkundër ballafaqimit me bullizimin në shkollë dhe insistimin e prindërve që fëmijët të ndjekin ëndrrat e paplotësuara të prindërve.
Sarita Selamani është themeluese dhe trajnuese në studion e kërcimit kontemporan “iStudio” në Gostivar. Në mungesë të hapësirave për të zhvilluar talentin e saj, në vitin 2013, Sarita hapi studion e baletit për t‘iu dhënë mundësinë edhe një numri të madh të famijëve të talentuar si Andi, që të zhvillojnë pasionin e tyre.
“iStudio” nga viti 2016 është pjesë e garave nacionale dhe internacionale si International Dance Competition ”Stage” , Gara Internacionale për Kërcim Modern dhe Kontemporan “Dance Off”, ku çdo vit ndahen me çmime të para në kategoritë individuale dhe grupore.
______________________________________________________________________
Анди Исмаили е тринаесет годишен балетан од Гостивар, светски шампион во модерниот балет во категоријата на јуниори. Две години по ред победува во конкуренцијата на талентирани балерини од 22 земји во светот, во Светскиот Шампионат организиран од Меѓународната организација за танц, одржана во главниот град на Полска.
Анди е дел од балетското студио “iDance” и во неговите 4 години ангажиран во модерниот балет брои и 5 први награди во национални и интернационални натпревари кои се одвиваат на нашето подрачје. Благодарение на експресивните изведби, Анди го привлече вниманието на познатиот кореограф Јан Равник со кој моментално соработува за Меѓународните натпревари.
Инспиративната приказна на Анди е визуелизирана во филмот “BreakFree”, каде што Анди, за чудо ја игра главната улога на момчето кое сонува да стане балетан и покрај соочувањето со малтретирање на училиште, како и инсистирањето од родителите дека децата треба да ги следат неостварените соништа на родителите.
Сарита Селмани е оснивач и тренер во современото студио за танц “iStudio” во Гостивар. Поради недостигот на простор за развивање на нејзиниот талент, во 2013, Сарита го отвори балетското студио за да им даде можност на еден поголем број талентирани деца како што е Анди, за да може да ја развиваат својата пасија.
Од 2016 година “iStudio” е дел од националните и интернационалните натпревари како што е International Dance Competition ”Stage”, меѓународниот натпревар за модерен и современ танц “Dance Off”, на кој секоја година се се китат со награди на прво место во категоријата за индивидуално или групно танцување.

Дина Дума: За проблемите на младите треба отворено да се дискутира

Разговараше: Наташа Атанасова

За многумина од нас, кои сме родени во преддигиталната доба, не е баш јасно што значи да се биде млад во денешното дигитално општество. Освен ако немате тинејџер дома, можете само да си правите претпоставки. Минатата година, појавувањето на филмот „Сестри“ на сите ни даде можност да ѕирнеме во реалноста на младите денес, во која виртуелните случки можат да бидат прашање на живот или смрт.

Додека филмот деновиве освои уште една награда, за најдобар филм во категоријата од 11 до 19 години на Меѓународниот филмски јуниорски фестивал во Стокхолм, со Дина Дума разговаравме за прашањата што ги отвори и за она што како општество ни претстои за справувањето со проблемите со кои се соочуваат младите во нивните најранливи тинејџерски години.

Уште во 2017 година најавуваше дека го подготвуваш твојот прв долгометражен филм. Тежок ли беше патот до неговата реализација, имајќи предвид дека филмот е една од најскапите и најкомплексните уметности?

За да се создаде едно филмско дело најчесто е потребно околу пет години, посебно кога станува збор за дебитантски филм во земја каде што филмот и културата не се развиени. Од идеја до реализација и финален продукт патот е навистина непредвидлив. Сценариото за филмот го пишував од 2016 година, за кон крајот на 2019 година да се случи снимањето. Кога си дебитант не е едноставно да се стигне до буџет и најчесто филмовите на дебитантите во нашата земја се снимаат со ниски буџети. Но, од друга страна, во последните неколку години Агенцијата за филм поддржува дебитантски проекти, што не беше случај порано.

Во многу наврати кажуваш дека идејата за „Сестри“ ти е од вистински настан од твоите средношколски денови. Кога реши дека треба да ја ставиш на хартија и да ја преточиш во сценарио? Колку време траеше тој процес на пишување и допишување?

Уште кога дипломирав знаев дека мојот прв долгометражен игран филм ќе ја обработува токму оваа тема, инспирирана од вистински настани од моите средношколски денови. Кратко по дипломирањето почнав да го осмислувам филмот и приказната за филмот „Сестри“, а сценариото го развивав и пишував три години.

Какви подготовки му претходеа на снимањето на филмот, особено во поглед на дефинирањето на визуелниот јазик и работата со младите глумци кои не се глумци по професија?

За да се подготви еден филм за снимање потребни се околу девет месеци, некогаш и повеќе. За мене најважен беше кастингот како дел од процесот на подготовки, кој траеше околу 6 месеци. Беше важно да ги најдеме вистинските ликови кои ќе соодветствуваат на карактерите од филмот.

Откако кастингот заврши и девојките беа кастирани, започнавме со проби кои ми беа клучни во креирањето и финализирањето на приказната. Важно ми беше преку заеднички проби заедно со Миа и Антонија да ги најдеме и да ги креираме ликовите на Маја и Јана.  Уште додека го пишував сценариото знаев дека за да ја постигнам автентичноста на светот на адолесцентите ќе биде потребно да кастирам тинејџери кои нема да имаат претходно искуство со глума и снимање. Иако беше огромен ризик, бев свесна дека токму оваа одлука е клучна за да го постигнам натуралистичкиот пристап кој сметав дека му е потребен на филмот.

Во подготовките на филмот со кинематограферот Наум Доксевски се посветивме за да го пронајдеме визуелниот начин да ја раскажеме оваа приказна. За мене беше најважно камерата секогаш да го следи главниот лик и да ја долови емотивната состојба – камерата да ја следи актерската игра, а не обратно.

Откривањето на сексуалноста, желбата за припадност на група, бунтовноста, желбата за одење отаде границите и правењето опасни работи… „Сестри“ покажува како сите овие теми поврзани со тинејџерските години добиваат нова тежина и комплексност кога ќе се спојат со присуството на социјалните мрежи. Каде го гледаш безбедниот пат за сите генерации млади чиј живот денес може да се уништи со клик?

Новите генерации се родени со социјалните медиуми и за нив еден лајк може да значи сè и за да добијат еден „лајк“ или „фолоувер“ спремни се да отидат далеку. Тие се опседнати со тој свет, а ние постарите не обрнуваме доволно внимание на овој проблем, затоа што не сме ни свесни колку многу им значи и колку овој виртуелен свет е нивна реалност.

Драго ми е што „Сестри“ стана еден мост кој ги поврзува генерациите и ги отвара овие прашања, но за жал младите кај нас не се опремени со алатки и знаења за тоа како да се справат со врсничкото насилство и траумите кои остануваат. Дополнително, ни образовниот систем не е подготвен да се справи со овој проблем. Не само што не е подготвен, туку системот комплетно ја игнорира оваа ситуација и најчесто придонесува за друштвеното исклучување на жртвите на врсничкото насилство и „slut-shaming“.

Проблемот со врсничкото насилство е нешто што го има од градинка па сè до домовите за стари лица. Но во тинејџерските години кога децата како ларви излегуваат од своите кожурци за да се претворат во пеперутки, тоа знае да им ги исече крилјата, па и да ги убие. Како е можно за оваа опасност да не се разговара и да не се бараат системски решенија?

Иако филмот предизвика реакции и испровоцира дискусија, сепак мојот впечаток е дека не допре до надлежните институции. Или можеби и допре, но повторно се молчи. За жал образовните институции не преземаат ништо за да се справат со овој проблем.

„Табуто е начин на живот навлезен длабоко во македонскиот менталитет“ – велиш во едно интервју. Како да излеземе од оваа наша перверзна комфорна зона?

За оваа промена ќе биде потребно време, но мислам дека првиот чекор до овие промени е отворена дискусија за проблемите, наместо стигматизирање и осуда.

Твојот нов проект, филм со работен наслов „Skateboarding is not for girls“ влезе во програмата „Резиденс“ на Канскиот филмски фестивал. Според насловот, би рекла дека продолжуваш да истражуваш слични теми како во „Сестри“…

Точно е, сè уште не сум спремна да го напуштам раскажувачкиот свет на тинејџерите. Сметам дека има уште што да се каже и придонесе на оваа тема. Не смеам да откривам премногу детали, во мај ќе биде ексклузивно презентиран пред филмските професионалци на Канскиот филмски фестивал.

Можеш ли да наброиш неколку филмови кои ти биле инспирација и кои би им ги препорачала на родителите на тинејџери да ги гледаат заедно со своите деца?

„Kids“, „Water Lilies“, „Skate kitchen“, „Hearthstone“, „Fish Tank“, „Never Rarely Sometimes Always“.

По целиот успех на „Сестри“, размислуваш ли што би сакала да постигнеш во иднина? Можеби не како освојување на некоја нова (поголема) награда, туку како влијание, промена на општеството, нешто што знаеш дека е реално достижно?

Со моите филмови сакам да провоцирам, сакам да отворам прашања кои не се досега дискутирани во нашето општество и се стигматизирани. Сметам дека ние уметниците ја имаме оваа обврска, особено кога живееме во релативно младо општество како нашето.

Subscribe To our newsletter!