Сите возрасни некогаш биле деца - Europe House

27 Апр

BACK

Сите возрасни некогаш биле деца

Сите возрасни некогаш биле деца

80 години од публикацијата на романот „Малиот принц“

Сите се сеќаваме на нашата прва средба со магичниот роман, Малиот принц[1], една од најраните лектири во основно училиште во која го запознавме мистичниот свет на Антоан де Сент Егзипери полн со енигми и скриени значења. Се сеќаваме на илустрациите од романот: Малиот принц застанат над својата планета, потоа змијата која го јаде слонот, осамената роза и раскошните баобаб дрвја. Се сеќаваме на сите таинствени пораки што можеби тогаш ни се чинеле нејасни и комплицирани, но сега со одново читање се сеќаваме на безвременото чувство што ни го оживува приказната на Малиот принц. Така, по повод Светскиот ден на книгата, го прославуваме и одбележуваме овој важен ден за историјата на книжевноста токму со волшебното дело на Егзипери.

Навистина, делото може да биде мошне комплексно за младите читатели, особено поради тоа што отвора прашања кои им се поблиски на возрасната публика, меѓутоа тоа не значи дека не може да биде читано како бајка односно фантастична приказна во која главниот лик е еден млад човек што трага по суштината на животот. Алегориските слики за љубовта, желбите, пријателството и вербата циркулираат низ романот и преку гласовите на нараторот и Малиот принц, додека читателот е во постојан дијалог со фабулата на текстот и се идентификува со емоциите на главниот јунак. Станува збор за езотерична книга што треба да се чита низ контекст на метафори и алегории. Приказната е кондензирана во помалку од стотина страници, а чувството што се добива читајќи го делото го впива вниманието на читателот и го носи на едно незаборавно патување низ имагинарното.

     

Сите ние трагаме по некоја далечна планета

Осамениот наратор е случајно заглавен во бескрајната Сахара каде и го среќава Малиот принц. Слично како и нараторот, Малиот принц чувствува огромна тага и самотија – чувства кои остануваат сеприсутни низ текот на романот кои го следат на неговите патувања. Тој патува на неколку различни планети, секоја со своја специфична историја во која се испреплетуваат колаж на уникатни ликови со индивидуални карактеристики. Кога ќе го погледнеме денешното општество, можеме да воочиме дека ликовите од планетите на Малиот принц не се толку различни од нашиот, реален свет особено што тие претставуваат различни аспекти на човековата природа и можат да се направат паралели со денешното општество. На патот кон себепронаоѓањето тој се запознава со останатите ликови, кои самите се борат за да си го потврдат своето место во светот.

Така, преку приказните на Малиот принц го следиме неговото патување на планети во кои владеат прототипи за различни материјалистички опсесии, а потоа страв и алчност за моќ и поседување, карактеристики што тој не може да ги разбере. Малиот принц им дава на читателите нова перспектива за светот и ги охрабрува да размислуваат критички за општеството во кое живеат. Од друга страна Малиот принц го инспирира нараторот, кој и самиот се соочува со друг внатрешен конфликт, се чувствува осамен и отфрлен од светот и во овие моменти може да се потпре само на мистичната фигура на Малиот принц кој го чувствува поблизок отколку некој возрасен.

Малиот принц тргнува на пат да го истражи универзумот и се обидува да пронајде одговори на егзистенцијалните прашања што му се чинат нејасни и далечни. Сите од нас сме се нашле во иста ситуација како протагонистот на ова дело, кога многу од нештата ни се чинеле прекомплицирани или туѓи, а можеби дури и сме почувствувале фрустрација или отфрленост во некои моменти од нашиот живот. За да можеме да стигнеме до универзалната човечка вистина, потребно е да пропатуваме различни планети, да искусиме сѐ што ќе ни понуди животот и да запознаеме многу луѓе, луѓе со кои ќе оствариме значајни релации, но и луѓе кои нема да ни се допаднат. Сите овие патувања, сите средби и животни ситуации на крајот ја обликуваат перспективата на младиот човек за светот и придонесуваат за личниот интелектуален и емотивен развој. Романот илустрира како нашите искуства и интеракции со другите можат да влијаат на нашите вредности, верувања и однесувања. Во таа смисла нашето патување низ животот не е само обична дестинација, туку е еден вид искуство врз кое ги испреплетуваме сите мигови и настани што на крајот можат да нѐ обликуваат и дефинираат.

Митот за вечното дете – puer aeternus

Егзипери му го посветил романот на својот најдобар пријател, Леон Верт потенцирајќи дека „сите возрасни некогаш биле деца, но малкумина од нив се сеќаваат на тоа“. Романот непосредно го обработува митот за вечното дете. Митот за вечното дете е моќна идеја која се слави во многу култури низ историјата и се гледа како симбол на чистота и невиност. Нараторот започнува со сеќавања и ретроспекции кон минатото и кон своите детски моменти кои останале длабоко притиснати во неговата меморија. Швајцарскиот психијатар и психоаналитичар, Карл Јунг, верувал дека искуствата од детството играат значајна улога во обликувањето на личноста како и психолошкиот развој на поединецот. Оттука и детството е најважната фаза во животот на еден човек.

Во контекст на јунговата (психо)философија, puer aeternus е пример за архетип односно исконски образец според кој можат да се најдат слики во митолошките фигури на грчките богови и херои. Според илустрациите во романот, исцртани од самиот автор, фигурата на Малиот принц е претставена како мало момче со руса коса облечен во зелени облеки и жолт шал. Најчесто е илустриран врз некоја малечка планета или како лебди во воздухот. Самите планети, според големината, одат во прилог да ја обележат сликата за маленкоста на вечното дете кое непрестајно трага по интергалактички авантури.

Иако протагонистот на книгата е младо момче кое има детска невиност и се чуди на материјалните пориви на луѓето од светот, сепак, може да се заклучи дека неговото патување е коментар за начинот на кој општеството се однесува кон децата. Малиот принц го оспорува ова покажувајќи дека децата можат да имаат длабоко разбирање за светот околу нив. Во многу случаи, на децата не им се дава почит или внимание, а нивните перспективи често се занемаруваат. Романот воспоставува силен контраст помеѓу невиноста и чистотата на децата и далечниот, материјалистички поглед на светот на возрасните. Авторот ги користи средбите на Малиот принц со возрасните, кои ги среќава на своето патување, за да ја покаже ограничената перцепција и себичноста и да потенцира колку се тие оддалечени од детството и бидувањето дете. Возрасните во романот се опседнати со сопствениот успех, богатство и имот и не ги ценат едноставните животни задоволства. Децата, отелотворени преку ликот на Малиот принц, ги интересираат едноставните животни задоволства како што се играта, љубопитноста и имагинацијата. Младите стануваат многу поотворени, потолерантни и поемпатични на средината и светот околу нив. Така и Малиот принц е претставен како помудар и поемпатичен наспроти возрасните ликови во романот.

Потрага по автентичноста 

Потрагата по автентичниот начин на живот е клучното животно патување што треба да го помине секој човек. Сите луѓе на светот поседуваат различни квалитети, таленти, покажуваат интереси и афинитети кон различни теми и прашања. Убавината на животот е токму во способноста на впивање на тие меѓучовечки разлики кои треба да ги прифатиме со отворено срце. Главниот интроспективен конфликт на Малиот принц произлегува од неговата неспособност да ја разбере розата, поради која заминува на долго патување за да научи повеќе за животот и за себеси.  Во една дискусија со лисицата, Малиот принц дознава дека всушност неговата љубов кон розата е толку голема бидејќи е рефлексија на неговата голема грижа и внимание посветено на неа. Оттука и заклучува дека најважните работи во животот се оние што можат да се најдат во срцето, наспроти материјалните објекти и ограничености кои го заслепуваат човекот.

Минливите задоволства и бескорисните нешта што ги трошат минутите на нашите денови заземаат толку многу простор во нашите животи, а ние им придаваме толку големо значеше што понекогаш станува тешко да се направи разлика помеѓу духовното или материјалното исполнување. Затоа Малиот принц наоѓа задоволство и ги цени едноставните работи во животот како што се гледањето на зајдисонцето или грижата за цвеќето – и ја разбира тежината на овие секојдневни ритуали, навидум мали, но сепак со огромна длабочина.

Во таа смисла, романот нѐ потсетува дека треба да ја прифатиме нашата индивидуалност и да останеме верни на себеси во свет кој често се обидува да нѐ усогласи со општествените очекувања и да нѐ оддалечи од сопствената уникатност. Чувствата се единствени. Тие се нашиот компас кон подобро разбирање на светот. Понекогаш не е погрешно да се вратиме еден чекор наназад, да го слушнеме сопствениот глас и да го погледнеме светот од призмата на децата. А уште подобро, ако успееме да го негуваме детето во нас, ако успееме да ги негуваме нашите идеи, да не ги оградуваме емоциите што ни надоаѓаат, тогаш нема потреба од враќање наназад, тогаш потрагата кон себеси станува една прекрасна игра и планетарно патување.

Книгата Малиот принц е многу повеќе од обична книга за деца – тоа е еден светски феномен најпреведувана книга што достигна превод во повеќе од неколку стотици јазици и истовремено делото не престанува да биде предмет на обработка во многу училишни програми насекаде во светот. Книжевно-културното наследство што го остави зад себе романот, Малиот Принц, но и самиот книжевен лик на Малиот принц, се потврди во испитувањето на неговата трајна привлечност кај младите читатели низ генерациите. Книга која говори за губењето на близок, чувствата, значењето на животот и смртта, меѓучовечки релации, но и релациите што ги имаме самите со себе, Малиот принц продолжува да биде едно од највпечатливите дела напишани во историјата на книжевноста.

Влезот на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, го обележува скулптурата на Малиот принц. Го гледаме малиот принц како стои исправен врз неговaта планета. Неговиот шал е во постојана борба со ветрот, а на неколку чекори од него проникнува фамозната роза од приказната. Симболот кој го краси влезот на младинскиот објект е неслучајно фигурата на Младиот принц кој секогаш ќе ги надгледува младите и ќе ги потсетува повозрасните дека детството не треба да биде заборавено.

Доротеа Огненовска

[1] Оваа година славиме јубилејни 80 години од првата публикација на романот во 1943 година во Франција и иако на растојание од еден век, темите што се истражуваат во делото се сè уште релевантни денес кај читателите од сите возрасти. Книгата обработува универзални прашања како што се важноста на пријателството, потрагата по среќа и борбата да се најде смисла за животот. Авторот преку делото ја капсулира квинтесенцијата на неговите искуства на земјата како и животната философија со која се соочувал низ текот на својот живот. Антоан де Сент-Егзипери објавил многу малку за време на неговиот живот – шест книги, а исто толкав број дела биле постхумно публикувани во период од 70 години.
Subscribe To our newsletter!