Дејан Дуковски: Пишувам ТВ серија во која Југославија сè уште постои - Europe House

8 Sep

BACK

Дејан Дуковски: Пишувам ТВ серија во која Југославија сè уште постои

Дејан Дуковски: Пишувам ТВ серија во која Југославија сè уште постои

Разговара: Наташа Атанасова

Да се чита Дејан Дуковски значи да се осети моќта на зборовите во форма на реплики со сета сила по своја кожа. Да се гледа Дејан Дуковски значи да се навлезе во читањето на една драма која на сите им е пред врата ама низ клучалката успеал да ја (у)види само тој. Да се разговара со Дејан Дуковски значи едноставно да се разговара. Со сета леснотија на непосредноста и со сета убавина на мислите што одлетуваат и некогаш се враќаат, а некогаш залутуваат.

Една реплика од „Друга страна“ вели: Имам дилема. Дилемата ми е дали треба да имам дилема. Како стоиш со дилемите? Која е најголемата дилема што те мачи денес?

Да, дилеми, стално имам многу дилеми. Тоа е оној хамлетовски момент, неодлучноста. Се може и вака и така. Некој период живеев во Хамбург и во Копенхаген, па Париз и цело време имав дилема што би правел, што би било ако бев тука. Што ќе беше да беше… Ако тргнев по улицата десно, а не лево… Генерално, преку глава од дилеми… Оваа последнава година ако некоја дилема ми беше во глава, тоа беше што правиме сега – ако преживееме, театриве не работат, нема претстави, нема ангажмани, хонорари… Така што, почнав да работам една телевизиска серија, со продукција во Белград, на една стара идеја што многу години ми се врти низ глава… тоа е дека Југославија не се распаднала и дека денеска е многу моќна, многу богата и клучно влијателна земја во ЕУ. Сè е реалистично, сè се случува денес, ама не е моментот дека се случува во една земја која што веќе не постои… Сценариото го почнавме со мојот пријател и талентиран млад режисер Георги Унковски и се надевам, иако сè уште не е сосема извесна продукцијата, дека овој проект ќе го истуркаме до крај…

Зборот ми беше, минатава година ја реши таа моја дилема во врска со театрите, и иако имам пишувано сценарија за филм, пишувам и за телевизија. Тоа е она… кога се затвораат театрите во Англија во време на Шекспир, тој почнува да пишува сонети… Ма, имам јас и многу други дилеми…

Ја разреши ли конечно дилемата за останувањето во Македонија?

Да, тука сум и идејата ми е да останам. Ама се разбира дека сакам често да работам и наваму-натаму. Сакам да работам со луѓе што ги знам и знам дека сакам да работам. Еве сега договараме еден проект во Нови Сад. „Дух“ го пишував за СНП во Нови Сад и претставата во режија на Александар Поповски, уште се игра таму. Сега пак договараме со Ацо еден нов проект со овој театар… Нови Сад следната година ќе биде европска престолнина на културата и се радувам на оваа можност. Со Ацо имавме одлично искуство со СНП и… добро е да работиме пак заедно. Разговараме за некаква нова мутација на стари вампиризми…

Пишуваше многу за насилството и војните. На површината на светот, како на лице на тинејџер туку некаде ќе се воспали и ќе пукне некоја нова „бубулица“, од која ќе тече гној, ќе тече крв… Ќе пораснеме ли некогаш, ќе созрееме ли?

Па не знам… Насилно беше времето…. Кога ја пишував „Буре“ на почетокот на 90-тите, тоа беше оној период пред да почне војната во Југославија, ама беше јасно дека нешто ќе се случи. Постоеше некаква тензија, се осеќаше, во воздух лебдеше тоа дека ќе пукне. Како ќе пукне, што ќе пукне, кај ќе пукне, кој… – не му беше јасно на никој, ама имаше тензија и јас тоа го регистрирав како потенцијално добра драмска материја. Иако драмата не зборува конкретно за војна, таа тензија ја има во секоја сцена од текстот, нешто се распаѓа, некаков систем на вредности се распаѓа. Текстот го носи тој набој на моментот и очигледно го фати духот на тоа време. „ММЕ“ е текст кој го пишував после, откако почна да се случува тоа од што се плашевме. Иако и овој текст не е текст кој директно се занимава со ужасите на војната, има во него некаква апокалиптична визија. Во таа смисла и „Друга страна“ е текст со некаква постапокалиптична атмосфера. „Празен град“ на еден друг духовит начин исто така се занимава со апсурдот на балканските воени конфликти… Мислам дека ниеден автор не може да остане имун на времето во коешто живее и на она што се случува, дури и во најбуквална политичка смисла. Уметноста, генерално, не може да остане имуна на светот во кој што живееме и она што го детерминира нашиот контекст на постоење, на размислување, на дилеми, стравови, надежи…

Кога нешто работам или пишувам, се обидувам точно да го регистрирам контекстот на стварноста која ја живееме. Очигледно е дека нашава стварност изобилува со разни неразрешени конфликти… Многу идеи и сфаќања се недозреани или недоволно изживеани и уште не се поставени сите работи на свое место. Драмата како жанр, во принцип, се базира на конфликт, бара некаква криза. Така што, ние сме добро тло за драма.

Уште нешто од твоите драми што е сè уште силно присутно, тоа е политичката параноја. Големата брзина на стоење. Таа параноја кај нас никако да намали, политичарите само додаваат на гаста на поделбите и ние никако да мрднеме напред…

Кај нас, да речам на Балканот, прилично многу работи од минатото не се затворени како што треба, не се прележани некои детски болести што мора да се прележат. Сè уште нè оптоваруваат проблеми коишто требало одамна да се решат и да бидат и останат само дел од историјата. Системот на вредности што требало да се воспостави пред многу години, уште се обидуваме да го поставиме. Место по рецепт, мериме некако од око… Од друга страна, луѓето овде имаат свои специфични карактеристики и менталитет, можеби одредена доза на патријархалност и тврдокорност или примитивност и необразованост, ама се и полни со животна страст и радост, непосредност, топлина и разни други бакрачи… Автентични нешта што нè прават посебни и ако ме прашаш мене, прекрасни на еден наш начин…

Сите ние коишто живееме тука на Балканот, а ги знаеме неговите болести и ги трпиме болките од нив, како да сме во еден садомазохистички однос со него.

Да, ама па од друга страна тука има и многу работи во коишто човек може да се заљуби, што може да ги сака. Кога го читам Андриќ или кога ги гледам филмовите на Кустурица… точно го гледаш тој дух којшто во суштина е непокорен и див, и ваков и таков, ама слободен. Кога пишувам, јас никогаш не бегам од тоа што сме – напротив, секогаш ги барам заедничките именители на автентичното, нашето. Не пијам чај во пет попладне, ама после многу пиење, шкембе чорба добро ми доаѓа во пет… или шест, ако работи или да работеше Бристол…

Ние сме прилично дружељубиви, прилично зависиме еден од друг, сакаме луѓе. Има тука некаква топлина кај луѓето, некоја потреба да се комуницира, да се помогне, да се споделат разни чувства. Има една непосредност во таа смисла, па и широко срце за многу работи. Еве, овде во Галичник, галичкиве куќи кога ќе ги видиш се големи, правени се за голема фамилија… за тој момент на заедништво. И тоа е автентична архитектура што се изучува на многу факултети. Ретко во што си сам овде… и во добро и во лошо. А, има цел овој регион, и една природна бистрост, виспреност, луцидност и смисла за хумор, како нешто што е најдобар лек против еден куп проблеми, да не речам, сра*а.

Моментално си во Галичник. Забележуваш ли кај тебе разлика во размислувањето, во мислите, кога си во град и кога си таму, во планина?

Па, нормално. Тука има нешто што го нема во град – имаш мир и воздух. Не само што нема толку закрчени улици и ѓубре, хаос и гужва, самава природа ти дава една поразлична позитивна енергија. Стално сум се прашувал како толку уметници низ векови се инспирираа од природата? Има нешто, си викам. Ние во Скопје заборавивме како изгледа плаво небо. Зелени бои скоро и да нема. Воздух, има делумно. Паркинг и време ни случајно… Тука го има тој луксуз, има и простор и време… Едноставно, има нешто, природата инспирира, дава една друга медитативност. Да не спомнам дека Галичник е сепак град, пред градот…

Во Галичник втора година по ред има филмски фестивал. Ќе бидне ли и театарски? 

Да, фестивалот беше прилично добар годинава. Непретенциозно, ама многу убаво. Имаше и убави луѓе и убави журки. Мислам дека овој фестивал ќе се развива позитивно и убаво ќе порасне. Има тука една стара кино сала, со оние стари балкони, ложи, ама не е функционална затоа што треба да се реконструира. Како деца по неколку пати ги гледавме сите филмови што доаѓаа… Мораме да ја реконструираме. И ако најдеме средства да се спаси тоа старо кино во Галичник, може ќе има и театар. Некогаш и Народно позориште гостувало во Галичник…

Доаѓаат ли таму млади луѓе?

За жал, многу помалку од кога растев јас, кога имаше многу повеќе живи, активни куќи.

Колку често се дружиш со помлади од тебе, колку разговараш со нив? Има ли разлики во тоа како размислуваат денес младите, а како твојата генерација во времето кога почнуваше да пишуваш?

Колку јас да се осеќам или доживувам млад, нормално дека времето ги  менува работите. Кога си млад, ти лета паметот, мислиш дека од тебе почнува светот, ама не е баш така. Ама па тоа е убавината на младоста.  Иначе, волим све што воле млади… Сакам да се дружам со млади луѓе. Млади, без обѕир на годините… Мене, додуша, отсекогаш ми биле интересни постарите. А денес некако, како поминуваат годините, жал ми е оти имам чувство дека се изгуби линкот меѓу генерациите. Како некои генерациски мудрости да останаа непренесени… Изгубени во транзиција. Во Скопје кога бев клинец, кога почнавме да излегуваме на некои места како Зизи Топ, Ван Гог, Мондријан… таму одеа и по  десетина, дваесет години постари луѓе. Тој меѓугенерациски спој мислам дека е доста важен, а кај нас како да се направи рез, се изгуби шармот на пренесување на искуство на помладите. Низ разни градови имам по едно или две места кои се прилично мои, како што во Скопје ми е „Лајка“, и денеска кога ќе отидам во некое од нив, многу луѓе ќе ги видиш на истите столови, па дошле и некои нови деца ама битно има повеќе генерации на луѓе излезени на исто место.

Многу сакам и стално кога имам шанса ги слушам приказните, гачките на постарите луѓе, сеќавањата што ги памтат. Дури ги бркам тие што мислам дека памтат некои работи, што мене ме интересираат… Сенките на заборавените предци… Многу работи се забораваат, остануваат во воздух, како приказни, а тоа се убави искуства од кои најмногу може и треба да научиш. Луѓето не се многу различни од деновиве и пред години… Чувствата од стара Грција па до денес, не се многу променети… формата се менува, а емоциите, надежите, соништата се останати истите.

Во едно интервју велеше дека планираш, па многу ме интересира дали успеа да го реализираш планот: дали си купи коњ 😊?

Не, ама треба. А може и едно магаре вака за постари години 😊.

Subscribe To our newsletter!